Со оглед на тоа што се ближи Светскиот ден на шегата и тоа што имате доволно време да се подготвите за овој предизвик – Дивиан Артс Ви пренесува интересна новост по повод уникатната идеја да се комбинираат книгите со маските: покрај се’, токму 2 април е Светски ден на книгите за деца!
ЕВН Македонија, во партнерство со Асоцијацијата за истражување, комуникации и за развој „Паблик“, објавува награден конкурс за најдобра маска инспирирана од книга, со што ќе се одбележи Светскиот ден на книгата за деца, 2 април. Право на учество на овој повик имаат сите ученички и ученици на возраст од 6 до 14 години од сите основни училишта низ Македонија.
Финалната средба на „ликовите од книгите“ ќе се случи на први април, Денот на шегата, кога ќе бидат доделени и наградите за најкреативните маски, за кои ќе решава тричлено жири. За најкреативните пет маски ЕВН ќе обезбеди таблети со апликации за читање електронски книги. Фотографии со најдобрите маски ќе бидат објавени и на страниците на уличното списание „Лице в лице“, чијшто следен број ќе биде посветен на книгата и на нејзината моќ.
Конкурсот е отворен до 27 март, до кога учесниците треба да испратат фотографии на кои се фотографирани со своите маски, на следнава е-адреса: konkurs@evn.mk.
Наш совет е: мала бура на идеи за Вашите омилени ликови од книгите и мало истражување по интернет како да ја создадете Вашата уникатна маска… Направи сам би бил совршен погодок, особено ако навистина „влезете“ во улогата!