Со површината од 20 метри квадратни, овој минијатурен дом сигурно не може да се вброи во најудобните станови за живеење. Но, доволно е да погледнете колку е слатко и шармантно уреден, за да се воодушевите од вниманието и декоративните финеси со кои се отсликува вкусот во ентериерот. Мини амбиентот блеска со светлина и романтичен призвук, а комплетно е дизајниран со примена на белата боја, што е одличен избор за простор со скромни димензии. Поради малкуте квадрати на располагање, сите соби се сместени во една целина, а креиран е отворен план во кој се обединети дневниот престој и зоната за спиење, а во продолжение е поставена и малечката, но солидно екипирана кујна. Станот располага и со засебна бања, како и паметни решенија за складирање, оа квадратурата е вешто искористена за функционална намена. Особено допадливи се декорациите, кои го облагородуваат просторот, надминувајќи ја монотонијата на белото опкружување. Повеќето од нив се парчиња од последните колекции на брендовите H&M и IKEA. Ќе сретнете живописни зелени билки, перници со графички дезен, постери и елегантни свеќници – одбрани по мера и со стил. Во продолжение, проверете како изгледа ова мало гнездо и пронајдете ја омилената идеја и за вашиот дом.