Мислите дека е невозможно целиот животен стил да се спакува во дом со површина од само 25 метри квадратни? Погледнете го мини ентериерот кој ви го прикажуваме во продолжение и размислете повторно. Станува збор за мал и компактен станбен простор со убави и функционални дизајнерски решенија при уредувањето, дело на архитектите од руското студио ,,Цуккини”. Поради лимитираната квадратура креиран е отворен план во кој комуницираат дневната зона и спалната соба, издвоени со полупреграда која има конструктивна намена како работна површина. Паметниот распоред вклучува и кујна и трпезарија, а практичните идеи за складирање гарантираат рационално искористување на секој агол, обезбедувајќи притоа сосема доволно место за удобен живот. Ентериерот е модерно стилизиран, со едноставни и чисти линии, неутрални и пријатни нијанси, како и внимателно избрани декорации и осветлување. Совршен дом за самец или млада двојка, зар не? Разгледајте ги фотографиите и пронајдете го омилениот предлог и за вашето катче за живеење.