Кога станува збор за внатрешниот дизајн, наjголем предизвик на секој архитект и дизајнер е да креира простор кој ќе соодветствува не само на личноста на сопственикот, туку и на неговото занимање. Ви претставуваме стан зад чие уредување стојат дизајнерите од студиото ARS-IDEA, кои успеале да создадат модерен ентериер и да го стават во контекст на професијата на сопственикот – фудбалот. Станот се наоѓа во центарот на украинскиот град Лавов, во целост е прилагоден на неговиот начин на живот, а изгледа функционално и удобно. Главната замисла била да се создаде современ дом со што повеќе слободен простор и минимум преградни ѕидови, така што е создаден отворен план кој ги обединува дневниот престој, трпезаријата и кујната. Елегантната палета на бои е комбинација на беж, кафени и сиви тонови, а контрастот во ентериерот е постигнат преку примената на различни материјали и текстури, како што е употребата на груб бетон на плафонот. Еден од интересните детали кој го привлекува вниманието е и поврзувањето на спалната соба со бањата, при што во средиштето на собата е поставена кадата. Вградениот екран во преградниот ѕид помеѓу двете простории е флексибилен и лесно подвижен, давајќи му можност на станарот да гледа телевизија од различни позиции. Станот е опремен со најсовремена аудио и визуелна технологија и навистина изгледа како совршен дом за млад фудбалер. Се сложувате ли?