Познато е дека медот има безброј придобивки за здравјето. Некои од најдобрите козметички производи во својот состав содржат мед. Позитивната работа е тоа што кај нас има голем број на производители на квалитетен мед, па скоро сите можеме да си го дозволиме да го имаме дома. Освен што го подобрува имунитетот и е одличен против настинките, медот, исто како и маслиновото масло и кафето, има широка примена во негата на лицето и телото. Еве некои од најважните придобивки од овој дар од природата.
Мед против акни и лузни
Антибактериските состојки на медот помагаат во борбата со акните. Нанесете малку мед на местата каде што имате акни и исплакнете по 10-15 минути. Истата постапка можете да ја правите и на места каде што имате лузни или пак, некоја мала рана. Со редовна употреба, лузните и флеките ќе почнат да бледееат.
Мед како регенератор за коса
Нежната текстура на медот ја прави косата мека и свиленкаста. Измешајте една лажичка мед со две лажички маслиново масло и ваквата смеса оставете ја да отстои на косата 20 минути. Потоа исплакнете.
Мед против брчки
Поради големиот број на антиоксиданси кои ги има во медот, во најголемиот број на рецепти за маски и пилинзи има мед. Јадете мед секој ден и одвреме-навреме правете маска за лице. Резултатите ќе ги забележите за кратко време.
Мед за убави усни
За меки и убави усни, особено во зима, измешајте една лажичка мед со една лажичка кафеав шеќер и малку сок од лимон. Масирајте ги усните 5 минути, па нанесете лабело.
Мед за здрави нокти
Медот ги зацврстува ноктите и ги омекнува кутикулите. Измешајте една лажичка мед и една лажичка јаболков оцет и нанесете на ноктите. Оставете да отстои 10 минути.