Дизајниран и уреден за потребите на младо семејство со мало дете, овој компактен станбен простор ги содржи сите основни елементи и предуслови за удобен живот на неговите сопственици. Заслужни за неговиот концепт се архитектите од руското студио Design Cafe, кои при реализација на проектот ја искористиле секоја расположлива површина за функционална намена во животниот амбиент, притоа задржувајќи ги карактеристиките на младешката естетика во ентериерот. Станот располага со голема и целосно екипирана кујна, трпезарија и комфорен дневен престој, поврзани во една отворена целина. Кујната е опремена со отворени полици како алтернатива за тешките и масивни кујнски елементи, додека обвивката на долните кабинети е направена од 3D гипсени панели и заштитно стакло. Софата во дневната соба се претвора и во двоен кревет за гости кога за тоа има потреба, а поставена е пред графичкиот тапет со цел визуелно да се прошири просторот. Затворениот влез ги издвојува собите, обезбедувајќи им ја неопходната приватност и интима. Остатокот од станот е искористен за сместување на спална соба за родителите со домашна канцеларија, бања и детска соба која е прилагодена и за второ дете во иднина. Боите во детската соба се неутрални, за да можат да се адаптираат на момче или девојче. Покрај зоната за игра, бирото, шкафчето и полицата за книги на повозрасното дете му даваат доволно можности да ги извршува домашните задачи, за креативно и уметничко изразување, но и за низа други активности. Спалната соба на родителите, пак, е компактна, но сепак не е ограничувачка за нивниот вкус и стил. Декорирана е со мека палета на сиви и неутрални тонови, овозможувајќи им мир и лежерно чувство во катчето за одмор и релаксација. Во продолжение, погледнете како изгледа овој убав дом за младо семејство, и пронајдете ја омилената идеја и за вашиот животен простор.