Луѓето ширум светот обожуваат да ги красат своите домови, но малку од нив тоа го прават толку посветено и вешто како жителите на Залипие, насликаното село во Полска. Сликањето и декорирањето како на надворешниот, така и на внатрешниот простор е долговековна традиција во ова идилично место, сместено на 68 километри од Краков во јуогисточна Полска. Се вбројува меѓу најпопуларните туристички атракции во земјата, но не поради хотелите со пет ѕвездички или масивните стаклени градби, туку сосема спротивното – восхитува со малите дрвени колиби, рачно насликани во живи и весели бои. Иако никој не е целосно сигурен како и кога започнала оваа необична традиција, сепак за зачеток се смета крајот на 19-от век, кога старинските печки биле заменети од новите печки со оџак. Жените од селото посакале да ги прекријат исцрнетите ѕидови, па со вар ги варосувале точките кои биле најцрни, а подоцна белите ѕидови се претвориле во платна на кои почнало да никнува насликано цвеќе. Со текот на времето, инспирација пронашле и во природата и локалниот фолклор, па нивните цртежи станувале се’ поголеми и поживописни. Четките и боите за сликање ги изработуваат сами, а секоја година одново ги прецртуваат и одржуваат нивните мајсторски дела. Најпозната сликарка била Фелиција Курилова, која живеела од 1904 до 1974 година, а по смртта нејзината куќа е претворена во музеј. Денес, селото Залипие е вистински симбол за уметничко украсување, празнувајќи го животот со прослава на боите и флоралните мотиви.