Иако монохроматските ентериери прераснуваат во вистински тренд кај внатрешното уредување, сепак ќе се сложите дека има нешто посебно и неодоливо во дизајнот со живи и енергични бои, побудувајќи добро расположение секогаш кога ќе ги погледнете. Одличен пример е и станот кој е дело на дизајнерот Sergey Makhno, каде бојата и игривоста се во прв план и присутни насекаде низ амбиентот. Од егзотичните марокански дезени и текстури на мебелот, па се’ до океанското синило при ѕидните декорации, овој дом воодушевува со колоритната естетика и изгледа како во секој миг да ќе оживее. И покрај тоа што поседува станбен простор со скромна квадратура, сопственикот сакал во него да има дневна соба, кујна, трпезарија, спална соба, гардеробер, библиотека и бања. Со помош на креативните дизајнерски решенија и примената на мали трикови, архитектот успеал се’ да обедини во ентериерот со површина од 50 метри квадратни. Една од најлесните техники за заштеда на простор е поврзувањето на кујната со малата трпезарија, во тандем со впечатливите портокалови столици. На тој начин, остварена е двојна функција, со што се обезбедува дополнителна површина за готвење. Отворениот дневен престој е доминантна зона во станот, а го освојува вниманието со светлите бои, интересните шари и текстурите на софата, која е со модуларен дизајн и може да се поместува и пренамени со различни подесувања, вклучувајќи ја и опцијата за удобен кревет за гости кога за истото ќе се укаже потреба. Доколку сте во потрага по предлози за колоритен и стилски дом со јаки бои, а притоа живеете во простор со помали димензии, можеби токму тука ќе ја пронајдете омилената идеја. Во продолжение, погледнете како изгледа овој маркантен стан и инспирирајте се.