Доколку сте во потрага по инспиративен пример за уредување на семејното гнездо, можеби токму овој стан ќе ги исполни вашите очекувања. Иако приоритет во дизајнот било да се обезбеди комфор и удобност за млади родители со бебе, сепак во ентериерот нималку не е загубено од естетиката, добриот вкус и запазување на личниот стил и афинитети на сопствениците. Секое катче има свој личен печат и функционална намена, овозможувајќи им на станарите полезен амбиент за живот, одмор и извршување на работните задачи, паралелно со грижата за најмалиот член на семејството. Станот е со површина од 72 метри квадратни, а конципиран е како трособен стан, со засебна детска соба веднаш до спалната на родителите, чиј дизајн се базира на смирени, светли и пријатни бои. Просторот во ходникот е практично искористен за поставување на мини канцеларија, додека трпезаријата и кујната комуницираат со малиот, но лежерен дневен престој. Акцентот е ставен на ѕидните украси, со префинет избор на фотографии, графики и постери, кои му даваат стилска нота на целиот амбиент. Направен е и умешен микс на модерни и стари парчиња мебел, што резултира со посебен шарм во секоја просторија. Погледнете како изгледа овој прекрасен семеен дом, и одберете ја омилената идеја и за вашиот животен простор.