Донаторската собирна акција ќе се одржи на 27.декември (сабота), од 13 до 15 часот во ГТЦ, а има за цел да им подари насмевка на малите пријателчиња од Дневниот центар за деца во Шутка.
Празниците се ближат, желбите се нижат, а членовите на младинската организација ,,Млади за љубов’’ потсетуваат дека среќата е поголема кога е несебично споделена. Во соработка со ,,Brainobrain Macedonia’’, неуморните гушкачи ве канат на големо предновогодишно дружење оваа сабота (27.12), од 13 до 15 часот во ГТЦ, каде повторно ќе сеат многу љубов, оптимизам и прегратки на сите минувачи од метрополата.
За возврат, ги повикуваат сите добронамерни граѓани да ја покажат својата хумана страна на крајот од годината, земајќи учество и во донаторската собирна акција која ќе одржи на истата локација. Настанот е од хуманитарен карактер, а има за цел да им подари насмевка и можност да ја почувствуваат новогодишната магија на малите пријателчиња од Дневниот центар за деца во Шутка, на кои и малата помош им значи се’.
Нивните желби се скромни: храна, шалче, капче, ракавички, кукла, количка, или други ситни нешта кои носат радост, а со своите подароци од срце ќе можете да ги израдувате оставајќи ги на празничната елка за донации. Во Дневниот центар има повеќе од 100 деца, а просторот нема услови за готвење. Затоа, не е препорачливо да се носат супи, тестенини или останати производи кои треба да се варат или печат.
Имате големо срце и волја за хуман гест?
Добредојдени сте да ја споделите среќата со оние на кои им е најпотребна.