Иако не е традиционална опција за новогодишен и божиќен декор, сепак примената на портокаловата боја е креативен избор за постигнување прекрасна празнична атмосфера во домот. Може да се употреби како алтернатива за класичната црвена боја при украсувањето на ентериерот, или, пак, за да внесе сосема нова и позитивна енергија во животниот простор во екот на празниците. За таа намена, ви претставуваме еден преубаво стилизиран дом, каде новогодишните декорации во боја на килибар кокетно го разигруваат и освежуваат амбиентот. Станува збор за комфорен стан во Барселона, чија основа ја сочинуваат неутралните сиви, беж и светли природни тонови, додека портокаловите акценти совршено се вклопени во опкружувањето и најзаслужни се динамиката и игривоста во просторот. Во тандем со гламурозните златни, сребрени и бронзени детали, сочинуваат идеална комбинација за модерно празнично руво на домот, каде не се изоставени ниту традиционалните елементи, застапени преку парчињата мебел. Портокаловата нијанса е присутна како нитка во секоја просторија, почнувајќи од новогодишната елка и перниците во дневниот престој, па се’ до украсите на полиците и божиќната трпеза. Во пресрет на зимските свечени прослави, погледнете ги фотографиите и инспирирајте се од омилената идеја за празнична тема и во вашиот дом.