Кога домот е со минијатурни димензии, се’ мора да има свое место и практична намена во просторот. Недостигот од повеќе квадрати не дозволува преголеми отстапки во декорот, па неопходно е вешто и функционално искористување на секој центиметар. За таа цел, ви претставуваме мали, но инспиративни станови кои се вистински пример за паметно испланиран простор. Станува збор за два прекрасни мини ентериери со површина под 30 метри квадратни, кои содржат се’ што е потребно за удобен и модерен живот, без нималку да се потфрли во стилот, естетиката и добриот вкус при уредувањето. Првиот е дело на дизајнерот Felipe Campolina од студиото ArchViz и е со површина од само 29 метри квадратни. Уреден е во неутрални тонови кои визуелно го зголемуваат ентериерот, а функционалната организација му го дава потребниот комфор. Во вториот стан, пак, уреден од од студиото Art Studio Design, акцентот е ставен на женствените детали и малку пожива палета на бои. Интересните решенија дозволуваат просторот од 30 метри квадратни да е рационално искористен, па, така, наместо со преградни ѕидови собите се издвоени со ормани, кои воедно служат и како место за складирање. Во продолжение, разгледајте ги креативните предлози кои ги нудат талентираните дизајнери за живот во скромна квадратура. За повеќе идеи, пак, погледнете ги и првиот дел, вториот дел, третиот дел и четвртиот дел од серијата објави посветени на мали и убави станови.