Како и повеќето други места во Австрија, градот Иглс во близина на Инсбрук воодушевува со интересен шарм, кој е комбинација на сликовито опкружување и величенствена архитекура на старите градби и замоци. Токму тој по малку бајковит амбиент кој го опкружува Schlosshotel Igls е она што го прави овој зимски ресорт навистина незаборавно место. Сместен во срцето на преубавата висорамнина на Тиролските Алпи, хотелот е опкружен со паркови и градини, а погоден е за одмори во текот на секое годишно време, иако зимата му дава најубав изглед поради прекрасната снежна покривка. Што се однесува до сместувањето, хотелот се состои од само 18 пространи и елегантни соби и апартмани, покрај луксузниот бутик-апартман, кој има свој приватен пристап до градина и базен. Кога се погодностите во прашање, една од најдобрите е секако терасата со отворен камин и поглед на величенствените планини. Покрај тоа, тука се и елегантниот бар и ресторан, салонот кој е идеален за социјални собири и вечера со капацитет до 25 лица, како и спа центарот, во кој се наоѓаат затворен базен, сауна, парно купатило и соби за масажа. Иако е изграден во далечната 1887 година како приватна резиденција, хотелот и денес изгледа воодушевувачки и е подготвен да ги дочека своите гости од целиот свет, со топол и волшебен амбиент и удобности какви не можат да се видат било каде.
Зимски дворец во Австрија
Бајковито место за зимски одмор од соништата.