Од идеи за китење на елката, па се’ до убави предлози за поставување на трпезата, зимската колекција на H&M Home понуди совршена инспирација за прослава на празничната магија во домот. Новиот каталог од популарниот шведски бренд прикажа две различни теми за таа намена, претставувајќи ја посебната линија на аксесоари за домот, во пресрет на празничната сезона. Едната е рустична, топла, и исполнета со нијанси на златна, кафена, беж и црвена боја, во тандем со детали од природни материјали, како што се дрво, теракота, волна и крзно. Црвените карирани прекривки идеално прилегаат со навлаките за перници во беж боја, збогатени со традиционални зимски и божиќни мотиви. Волнените ќебиња, пак, се одличен избор за дополнителна топлина во студените ноќи, со шолја топло чоколадо или греено вино во дланките. За оние со модерен вкус и стил, понудата се сведува на малку постудените нијанси – белата, темно сината и светло сивата, придружени со детали во сребрена боја. Гламурозна нота на вака украсените простори ќе им подарат навлаките за перници со циркони во темно зелена или златна боја, ароматичните свеќи ќе внесат топлина, а белата керамика – елеганција. На вас е да ја одберете омилената инспирација и да му подарите идилично празнично руво и на вашиот дом. Погледнете какви се новогодишните и божиќните предлози од H&M Home.