Со вкупна површина од 85 метри квадратни (65+20м2), овој простран и комфорен дом е уште еден добар пример дека со вистинските решенија, станот во поткровје може да биде совршено место за живеење. Не само што восхитува со добриот план и распоредот на просторот, туку и со естетиката и пријатниот амбиент како главни компоненти во неговиот дизајн. Се наоѓа во стара зграда во Гетеборг, Шведска, па не изненадува што делува многу светло и чисто, инспириран од класичната белина на скандинавскиот стил. Конципиран е на две нивоа – на приземјето се наоѓаат кујната, трпезаријата и дневната соба, при што дневниот престој и кујната визуелно ги издвојуваат единствено дрвените рустични греди. Особено впечатлив и убав елемент е нагласениот ѕид со стари цигли, кој му дава посебен шарм и топлина на ентериерот. Повеќето простории во дуплексот се сместени на долното ниво, додека на вториот кат се наоѓа мини ,,таван’’ со книги и удобна кожена лежалка за читање. Прекрасно, зар не? Инспирирајте се!