Под мотото ,,дојде време да се видиме – ајде да си ги мериме’’, вечерва (26.11) со почеток од 20.30 часот ќе се одржи големата донаторскa забава во Сити Хол. Со настанот се одбележува Моември, месецот посветен на подигнување на свеста за машкото здравје.
Единаесeтта година по ред на светско ниво, а по втор пат кај нас се организира Моември – кампањата со која на оригинален начин се подигнува свеста и собираат средства за подобрување на здравјето кај мажите. По тој повод, тимот на ,,Movember Macedonia” ги поканува сите добронамерни гости на големата донаторска забава, која ќе се одржи вечерва со почеток од 20.30 часот во Сити Хол.
Покрај мустаќите, посетителите ќе имаат прилика да ги одмерат силите и во големината на срцето, донирајќи сума по желба која во целост ќе биде наменета за светскиот Мовембер фонд. За возврат, од организацијата ветуваат повеќечасовно убаво дружење, зачинето со добрата музика на Eye Cue и DJ Гоце САФ.
Во поддршката на настанот се придружија и дизајнерките Ирина Тошева и Кристина Манчева од Design & Berries, кои наменски за оваа пригода изработија накит и модни додатоци инспирирани од Моември, а проследени од интересна фотосесија со пораки до двата пола. На подвигот им се придружија фотографот Владимир Видановски, шминкерот Виктор Мирчевски и моделите Бисера и Бојана Илијоски.
Донаторските производи – мустачиња се во ограничени количини, а ќе можат да се купат во текот на вечерашниот настан. Собраните средства од нивната продажба ќе бидат донирани на Movember Macedonia и movember.com.
Дизајните беа промовирани преку креативниот проект кој на духовит начин потсетува дека машкото здравје е и женска работа, нагласувајќи ја важноста на редовните прегледи.