Ентериер од само 20 метри квадратни содржи се’ што е потребно за удобен живот, прилагоден на современите потреби на денешницата. Можеби звучи неверојатно, но овојпат ве видиме токму во еден таков мини дом. Минијатурното поткровје е сместено во срцето на Барселона и е вистински пример за убава и креативна организација на просторот. Неговиот одличен дизајн е заслуга на архитектот Anthony Chevallier, задолжен за комплетната трансформација на станот, и тоа за само месец и половина. Станот е со специфична правоаголна форма која финишира со купола, па целта била да се задржи автентичноста на градбата со внатрешниот дизајн. Замислата на архитектот била да го преуреди налик на луксузна хотелска соба, без притоа да ја загуби топлината на домот. Резултатот е шик и елегантен станбен простор, во кој секое катче е естетски привлечно, но има и практична намена. Внимателно е искористен секој центиметар, а детално е испланирана позицијата дури и на најосновните нешта. Така, креиран е отворен план во кој комуницираат дневниот престој со работната зона, кујната и трпезаријата, додека во просторот под куполата сместена е спалната соба, за што подобро да се искористи поволната положба и убавите глетки од прозорците. Целиот стан е темелно реновиран, и оспособен со сите технички предуслови за комфор и модерниот животен стил на станарите. Деталите се избрани со вкус, и во целост ја следат префинетата нота во ентериерот. Пронајдете ја омилената инспирација и за вашиот дом!