Постојат домови кои комплетно ги следат желбите, стилот и личните карактеристики на нивните сопственици. Еден таков е и станбениот простор со површина од 63 метри квадратни, за чиј преубав дизајн е заслужен тимот од архитектонското студио J+D Design-Lab. Се наоѓа во тајванскиот град Тајпеј, а освојува со космополитскиот дух, облагороден со безвременска и универзална елеганција. Првото нешто што е воочливо во станот е интересната шема на тонови, преку оригинален и по малку необичен микс на различни бои, кои сепак одлично функционираат заедно.Постигнат е едноставен, а сепак фин и пријатен амбиент, каде нијансите се менуваат во секоја просторија и зона, давајќи му стилска и нежна нота на станот. Така, меките и топли бои ја сочинуваат основата на дневниот престој и кујната, додека постудената палета е искористена како избор за спалната соба и домашната канцеларија. Во целост, животниот простор е особено добро испланиран, и функционално ја исползува скромната квадратура, одговарајќи на потребите на урбаното живеење. Погледнете како e осмислен паметниот распоред во ова стилизирано катче, и пронајдете ја омилената идеја за ентериерот на вашиот дом.