Најдобрите примери за скандинавскиот стил на внатрешен дизајн, дефинитивно можат да се пронајдат во Шведска. Еден таков е и пространиот, но сладок стан од 114 метри квадратни во Гетеборг, кој се состои од три спални соби, голем дневен престој, кујна и бања. Ентериерот е изразено светол, делумно поради бројните прозорци, но и како резултат на дизајнерските решенија во просторот. Ѕидовите се бојадисани во бела боја, а таков е поголемиот дел од мебелот, додека подовите се обложени со светол паркет и плочки. Иако е преуреден и во комплетно ново руво, архитектурата на станот останала автентична. Зградата е подигната во далечната 1908 година, а богатството од детали е внимателно сочувано: импресивната висина на таванот, оригиналниот паркет, огледалата, вратите и традиционалниот камин кој често се користи во зимскиот период. Најдинамична просторија во ентериерот е секако дневната соба, која претставува социјално јадро на станот и инспирира со ведрината. Боите ја имаат главната улога, а внесени се преку перниците, тапацираните столици и изборот на разновидните декорации, меѓу кои, секако се издвојуваат интересните слики и графики на ѕидот. Лустерите се уште еден оригинален детал, заедно со колоритните украси кои убаво се истакнуваат во белото опкружување. Станот може да се пофали и со прекрасен балкон од ковано железо, кој е совршено место за испивање на утринското кафе. Погледнете ги фотографиите и пронајдете ја омилената инспирација за вашиот дом.