Неодоливо бело и романтично, со винтиџ шарм, топол амбиент и лежерна скандинавска нота – вака во неколку зборови може да се опише прекрасниот семеен дом сместен во поткровјето на мала зграда во Шведска. Станбениот простор е со површина од 107 метри квадратни, а благодарение на високите тавани е конципиран на две нивоа, со хармонични форми и фини детали кои создаваат атмосфера на слобода. Големото пространство е нежно и креативно уредено, со многу вкус при изборот на мебелот и декорациите. Внатрешните елементи кокетираат со минатото и сегашноста, па ентериерот е спој на новото и старото, модерното и рустичното, романтиката и елеганцијата. Отворениот концепт е суптилно поделен на неколку зони кои тематски и стилски се надополнуваат, формирајќи компактна, комфорна и функционална целина за живеење. На доминацијата на белата боја во ентериерот единствено и пркосат дрвените допири, акцентираните циглени ѕидови и раскошот од винтиџ детали со кои е облагороден просторот. Фацинацијата од овој дом завршува на слатката, живописно средена тераса, каде семејството може да ужива во убавите мигови заедно. Инспирирајте се!