Париз е секогаш добра идеја, но и вечна инспирација кога е во прашање животниот стил. Неодамна ве запознавме со модниот вкус на парижанките, а овојпат ви ги откриваме сите мали финеси за уредување на домот кои ги негуваат жителите на француската метропола. Французите не се подготвени по никоја цена да го жртвуваат личниот стил, па, така нивните куќи и станови се одраз на најдлабоките желби и најмоќните страсти на станарите. Францускиот дизајн ги спојува старото и новото, комбинирајќи уникатни парчиња мебел кои меѓусебно се надополнуваат во ентериерот, а не создавање на животен амбиент во кој секое парче ,,одговара’’ со другите. Во продолжение, ви прикажуваме неколку типични париски домови, кои иако се со различна стилска тема, сепак во секој од нив може да се почувствува француската нота, особено преку вниманието кое им е посветено на деталите. Уживајте во разгледувањето на овие прекрасни примери и одберете ја омилената инспирација за внесување на парискиот шарм и на вашата домашна адреса.