Ја сакате ли есента и есенските бои? Повеќето ги обожуваме, особено ако се придружени од мирисот на печени костени и греено вино. Доколку планирате и вашиот дом да го преслечете во пригодно есенско руво, тогаш поиграјте си со црвено – кафената палета на тонови, комбинирајќи ја со плодови од природата кои се карактеристични за ова доба од годината, како тикви, шишарки, костени, или, пак, обично шарено лисје и гранки во боите на есента. Декорациите можете да ги направите сами, и истите ќе ве чинат многу малку пари, или воопшто нема да се потрошите. Искористете ги старите свеќници, фенери, вазни, садови, кошници, па дури и држачите за торти и колачи, аранжирајќи ги во преубави есенски декорации за домот. Ви претставуваме неколку прекрасни теми за таа намена, со интересни детали и предлози како да ја оживеете магијата на есента во секое катче од домот. За повеќе идеи, погледнете ги и најновите каталози за есенската колекција на Zara Home и посебната линија на H&M за домот, каде ќе пронајдете изобилство од мотиви за украсување на животниот простор. Инспирирајте се и бидете креативни!