Луксузот е најчесто синоним за огромни и масивни животни простори, каде дизајнерите не штедат на скапоцени парчиња мебел и раскошни декорации во ентериерот. Сепак, и малиот станбен простор може да изгледа богато и елегантно, доколку е уреден со вкус и вистински избор на детали. Одамна заклучивме дека скромната квадратура не е пречка за пријатен, удобен и функционален дом, па ни тоа истиот да изгледа убаво и стилски уреден. Станот кој овојпат ви го претставуваме, пак, сведочи како елегантната нота може да се спакува во гарсониера со минијатурни димензии. Станува збор за наградувано решение од дизајнерот Макс Касымов, кој ги комбинира природните материјали: камен, стакло и дрво, облагородувајќи ја грубоста на бетонскиот ѕид во во животниот амбиент. Уреден е во современ стил, а располага со се’ што е потребно за комфорен живот во малку квадрати. Визуелната игра со различни текстури и бои создава извонреден ефект во просторот, во кој паметно се распоредени дневниот престој и спалната соба, надоврзани со трпезаријата и кујната. Во бањата, пак, претставено е мошне вешто решение за складирање и рационално искористување на секоја слободна површина. По лекцијата за стил во 46 метри квадратни, ова е уште еден мини стан кој воодушевува и инспирира истовремено. Пронајдете ја омилената идеја!