Кога живеете во дом со минијатурни димензии, секоја идеја која заштедува дополнителен простор е од непроценливо значење. Станот кој овојпат ви го претставуваме е со површина од скромни 34 метри квадратни, а може да се пофали со дневна соба, трпезарија, кујна, спална соба, бања, па дури и балкон, делувајќи многу поголемо од она што е. Во што е тајната? Одличниот распоред, креативните решенија за складирање и секако – декоративните финеси и светлите бои кои визуелно го прошируваат ентериерот. Креиран е отворен план во кој комуницираат дневниот престој, кујната и трпезаријата, каде работната површина во кујната е истовремено и импровизирана трпезариска маса. Спалната соба, иако дел од истата целина, суптилно е ограничена од опкружувањето, обезбедувајќи го потребното чувство на интима. Просторот под креветот е вешто искористен за складирање, а со изборот на ефектни детали и компатибилни тонови постигнат е исклучително пријатен и топол амбиент за живот. Станот е максимално функционален и паметно искористен, а воопшто не е изгубено од естетиката и комфорот. Пронајдете ја омилената инспирација и за вашиот дом!