Во пресрет на уште една нова сезона во домот, познатиот шпански бренд Zara Home ја претстави својата понуда за есен/зима 2014. За разлика од пролетната и летната инспирација кои во целост беа во хармонија со природата и ведрите мотиви на годишните времиња, во промотивниот каталог за есенската колекција се чувствува романтичниот призвук. Неутралните тонови, во тандем со раскошните златни и сребрени аксесоари се добитната комбинација за внесување топлина, комфор и доза на луксуз во животниот простор оваа есен. Меките текстили, нежните постелнини и удобните прекривки се дел од предлозите за стилизирање на дневната и спалната соба, а не изостануваат ниту прекрасните идеи и додатоци за есенската трпеза. Тука е и посебната линија за најмалите, спакувана во пресладок избор на плишани играчки, бањарки и навлаки за перничиња. Во продолжение, погледнете како изгледа златната есен во романтичен тон, избирајќи ја омилената тема за ново руво и на вашиот дом.