Ви текнува на двата основни проблеми на жените? Прво и основно, немаат што да облечат, додека второ и реално – никогаш немаат доволно простор за својата гардероба и козметика. Ако Ви звучи познато, тогаш препуштете се на нашиот денешен, пред-викендашки и неконвенционален Направи сам предлог, кој во суштина е палета на решенија кои ќе Ви послужат да го организирате Вашиот плакар и Вашата тоалетна масичка. Навидум бесплатни или премногу евтини материјали за складирање Ви се потребни за истото, додека сметаме на тоа дека имате доволно време и секако, доволно мотивација да внесете ред и прегледност на оние места кои ги користите секој ден. И во секое време од денот!
Затоа што навистина не е потребно да поседувате преголем простор или нов плакар, односно да Ви навираат солзи секој пат кога ќе погледнете како изгледаат плакарите на познатите. Или како изгледа насловната фотографија на оваа статија. Исто така, не е потребно да имате брендирана облека или 20 пара потпетици за да чувствувате потреба за средување. Редот е Ваша обврска, Ваша неопходност поради една силна, но едноставна причина – ако сакате да го средите животот, најлесно се почнува со обичните, неуредни навики. Започнете уште денес.