Плод на соработката помеѓу Altea Hills Estate, архитектонските студија Carlos Gilardi и Pepe Cabrera, како и дизајнерот на ентериер Eric Kuster е ,,Blueport Altea” – најлуксузниот комплекс од вили на брегот Коста Бланка. А на стрмните падини на Алтеа, гратчето во шпанската провинција Аликанте, грациозно се извишува спектакуларната ,,Куќа на гребенот’’, како најубавото нешто што може да се искуси во раскошниот комплекс. Светлината и погледот од 180 степени на морето ја издвојуваат од останатите, додека дизајнот на внатрешноста максимално ја исползува позицијата и опкружувањето, внесувајќи ја комплетно медитеранската атмосфера и шпанската енергија во амбиентот. Сместена е на приватна парцела од околу 1000 метри квадратни, со близу 500 метри квадратни животен простор, вклучувајќи 5 спални соби, грандиозна дневна соба со отворена кујна, трпезарија, големи бањи, фитнес центар и засебна кино-соба. Главната спална соба е интимна, а нуди богатство од задоволства, комфор и релаксација, во пакет со засебна бања и гардеробер, џакузи, приватна градина и големи прозорци со воодушевувачки глетки. Овозможуваат бескрајно уживање во пејзажите надвор, гарантирајќи дека каде и да се наоѓате во куќата, убавината на небото и заливот секогаш ќе ве придружуваат. Синилото на Средоземното море, пак, обезбедува чувство на мир, спокој и лезет, кој е тешко, ако не и невозможно да се открие во другите делови на Европа. Со прекрасната локација, пространите ентериери и фините детали, оваа инспиративна вила ги нуди сите удобности кои може да се сретнат во хотел – но и индивидуалност која само домот може да ја нахрани. Уживајте!
Спектакуларна куќа на Медитеранот
Извишена на карпестите падини над Средоземното море, луксузната вила открива фасцинантна панорамска глетка која ги разгалува сетилата.