Соочувајќи се со дизајн на релативно мал стан, инспирацијата може да остане по малку задушена во лимитираните димензии. Сепак, овој мини дом чија визуелизација е дело на Sergey Baskakov, покажува како да сонувате ,,на големо’’ во скромен станбен простор. Moжеби метар квадратен чини многу, но затоа креативноста е бесплатна. Во овој стан, ѕидните букви во спалната соба го одредуваат тонот на остатокот од ентериерот, а како идеја може да се прилагоди во сечиј дом. Изгледаат одлично во тандем со силуетите на птици и урбаните фотографски пејзажи со кои е украсен ѕидот. Дополнителен детал кој на собата и дава попростран и посветол изглед е големото огледало без рамка, кое иако зазема поголем дел од ѕидот, речиси е неприметно. Во спалната соба, брачниот кревет е позициониран близу до прозорот, а не во средина на спалната соба. На тој начин, обезбеден е дополнителен простор кој наменски е искористен за да се постават мала софа за читање и масичка за кафе. Кога е збогатена со повеќе содржини, спалната соба делува многу поголема и полуксузна. Во бањата на ѕидот е прикачено ,,лебдечко’’ орманче, со што поголем дел од подот е видлив, оддавајќи впечаток дека бањата е поголема. Шкафчето со фиоки под мијалникот е подобро решение од класични полици. Проѕирната преграда на кадата е минималистичка, а воедно не го затвора просторот, туку визуелно го зголемува. За трпезаријата изборот е едноставна тркалезна маса која овозможува подобро движење низ малиот простор. Инспирирајте и сонувајте ,,на големо’’ и во вашиот дом!