Колекцијата ,,Volcane’’ вклучува посебен сет масички за кафе кои нудат суптилна рамнотежа помеѓу функционалноста и естетиката. Масичките се уникатни по тоа што во својата структура содржат емајлирана керамичка саксија, која овозможува одгледување на билки, цвеќиња или мали дрвја.
Достапни се во различни бои и мошне лесно се вклопуваат во секаков тип на ентериер. Иновативните парчиња мебел се дела на францускиот дизајнер Paul Bellila, чија цел е да ја покани природата во уредувањето на ентериерот, внесувајќи ги хармонијата и свежината во секој простор. Масичките се прилагодливи и со неколку опции при изборот на детали, давајќи можност за креирање на пејзаж по лична желба (зен градина, медитеранска билка и бонсаи).
Младиот дизајнер израснал на село во францускиот регион Рона-Алпи, опкружен со рамни долини, пасишта и шуми, но по пристигнувањето во Париз морал да се интегрира во динамичната животна средина. Чувството на носталгија и желбата да ја вдахне природата во сечиј дом бил главниот мотив да ја создаде колекцијата ,,Volcane’’. Малите кафе-масички се прекрасен декор за домот, но и инспирација во миговите на опуштање.