Обидете се да не се вљубите во прекрасниот ентериер на оваа чудесна куќа крај езеро, сместена во идилично планинско опкружување на северот од Њујорк. Невозможно е да и одолеете, зар не? Најзаслужен за нејзиниот магичен изглед е дизајнерот Thom Filicia, кој инспириран од локацијата, во уредувањето на внатрешноста најмногу ги користи природните материјали и бои. Каминот од варовен камен и столбовите од брезови стебла и даваат органско чувство и топлина, во комбинација со палетата смирени тонови во позадина, сочинети од спектарот на сината, зелената и кафената боја. Сепак, ентериерот не делува премногу рустично, благодарение на необичната мешавина на детали и украси – индонезиските столици, но и мароканските и турските килими. Во целина, оваа преубава куќа е совршено место за семеен одмор и викенд бегство далеку од урбаната динамика, каде при секој поглед низ прозорецот се наѕира воодушевувачки пејзаж од кој застанува здивот. Уживајте!
Чудесна езерска куќа
Со топлиот ентериер и воодушевувачките погледи на езерото, оваа лежерна оаза кани на опуштено бегство далеку од градскиот метеж.