Иако со скромна површина и ниско закосени тавани, овој мал станбен простор во поткровје има се’ што е потребно за удобен живот, па и повеќе од тоа. Располага со 40 метри квадратни, умешно скроени по женска мера, па е одлична инспирација за сите дами кои живеат самостојно или во двојка, а сакаат дом кој комплетно ќе ги исполни нивните желби. Со добриот план, паметниот распоред и наменското искористување на секој расположлив простор, постигнат е воодушевувачки резултат – станот може да се пофали со комфорен дневен престој со трпезарија, кујна, бања, две спални соби со мини канцеларија, па дури и засебeн простор за гардеробер. Звучи неверојатно, зар не? Целосно е функционален и педантно организиран, со практични решенија кои обезбедуваат доволно место за складирање. Поткровјето е лежерно дизајнирано, со малку декорации, а максимално внимание посветено на топлото интимно чувство во ентериерот. Се сменуваат белата и бледо сивата боја како доминантни тонови, наспроти црните акценти и пријатните дрвени допири. Амбиентот е зачинет со суптилни и минималистички украси, како и свежи цветни аранжмани. Детал кој впечатливо се издвојува е портретот на Одри Хепберн, иконата на стилот, уште еднаш потсетувајќи дека некогаш едноставноста е добитната формула за домот, особено кога е во тандем со добриот вкус. Инспирирајте се!