Белата, црната и сината се трите бои кои доминираат во дизајнот на овој одлично уреден станбен простор. Станува збор за трособен стан со површина од 83 метри квадратни, кој е целосно функционален и адаптиран на потребите за удобен живот на младо семејство. Белата боја ја сочинува основата на ентериерот, додека мебелот и додатоците се спој на црни и сини акценти кои му даваат многу модерен и стилски изглед на секое катче. Влезниот простор е поставен на средина по ширината на станот, со родителската спална соба од десната, и бањата сместена од левата страна. Дневната соба, кујната и трпезаријата комуницираат во една отворена целина за дневен престој, во која црно-белиот контраст внесува елеганција и драматичност, а интересните детали во аква и тиркизни нијанси го зачинуваат амбиентот со свежина, игривост и динамика. Од прозорците продира големо количество на сончева светлина, а дрвен под, пак, му дава топла и пријатна атмосфера на ентериерот. Преовладуват лежерноста и комфорното чувство, па нема премногу парчиња мебел и декорации, а впечатлив детал над трпезаријата е ниско спуштениот голем црн лустер. И во кујната се сменуваат сите три бои на станот: бели кујнски елементи, син ѕид и црни полици и работни површини. Во родителската спална соба, украсен е ѕидот над креветот, а убавиот пример е проследен и во детската, но со поинаква весела тема со астрономски мотиви. Бањата, пак, стилизирана е со комбинација на бели и црни мозаични плочки на средишниот дел околу мијалникот, и на подот на туш кабината. Од дневниот престој се изглегува на шармантниот балкон, како создаден за убави мигови надвор од атрактивно средената внатрешност. Се’ на се’, прекрасна инспирација – пронајдете ја вашата омилена идеја!