Жените низ светот со години наназад применуваат најразлични трикови за убавина. Секоја земја си има свои ритуали пренесувани со генерации, а ние ви откриваме некои од најделотворните за нега на лицето и телото.
Вода од рузмарин за сјајна коса
Во Грција, жените ја плакнат косата со вода од рузмарин за да имаат здрава и сјајна коса. За да го направите ова, потребно е да ставите гранчиња рузмарин да зовријат во сад со вода и да ја исплакнете косата со водата, откако ќе се олади. Рузмаринот дава волумен и го поттикнува скалпот за косата побрзо да порасне, а делува и против првутот.
Бања со саќе за сјајна кожа
За посјајна кожа, жените во Јапонија додаваат 3-4 шољи саќе во када со вода. Саќето ѝ прави пилинг на кожата, па според Јапонките, после ваква бања нема потреба од лосион за тело, бидејќи кожата е доволно мека и нежна.
Ориз против стареење на кожата на лицето
Сте се запрашале ли некогаш зошто жените во Кина се толку младолики? Наместо сапун, тие го мијат лицето со кинески ориз. Оризот е богат со антиоксиданси кои влијаат на поспоро создавање на брчки. За овој ритуал, потребно е да потопите 2 шољи кинески ориз во вода да отстои 20 минути. Откако ќе ја исцедите водата, нанесете од оризот на лицето со влажна крпа и почекајте 10 минути. Резултатите ќе бидат очигледни.
Сок од лимон за остатоците од лак за нокти
Овој трик е популарен кај Французинките. Откако ќе го отстраните лакот, остатоците на краевите од ноктите потопете ги во мешавина од сок од лимон и топла вода неколку минути. Ова е особено погодно ако сте биле налакирани со црвен лак којшто често остава црвени траги на ноктите.
Овесни снегулки против изгореници од сонце
Жените во Бразил често го користат овој трик кога ќе останат подолго на сонце. На газа или памук ставете овесни снегулки и притиснете да добијат форма на вреќичка. Вреќичката ставете ја во када со топла вода и останете во неа 20 минути. Според Бразилките, зрнестата храна делува против воспаленија како што се изгорениците од сонце.