Станот е поделен на две компактни целини, а уредени се во ист манир, со смирени и топли бои. Во зоната за дневен престој во голем отворен простор комуницираат салонот, кујната и трпезаријата, а другата зона ја сочинуваат спалната соба и бањата. За подот е искористен светол бел материјал, кој во комбинација со сончевата светлина од прозорците создава сјаен ефект во секоја просторија. Светлата основа на подот и плафоните дозволила употреба на малку потемна боја за ѕидовите. Нагласено е отсуството на плочки во кујната и бањата, а заменети се со боја отпорна на влага. Поголемиот дел од мебелот е со едноставни и модерни линии, при што повторно предност е дадена на светлите тонови, како би се избегнало преоптеретување на ентериерот. Во дневната соба со многу вкус се искомбинирани модерни и класични парчиња мебел, облагодарувајќи го дневиот престој со пријатно чувство на топлина. Кујната е отворена и целосно интегрирана во животниот простор, благодарение на компактноста која ја даваат бојата и декорациите на ѕидовите. И во спалната соба продолжува приказната од дневната: слични тонови, едноставен и удобен мебел. Целата спална соба зрачи со лежерност и релаксиран амбиент, а во аголот спроти големиот француски кревет удобно е сместено и катче за читање и опуштање, со преубава бела фотелја и подна лампа. Ни во бањата не се поставени плочки, туку ѕидовите се бојадисани во две бои. Интересен е подот во облик на шах полиња, мијалникот е поставен на рачно изработен држач, а туш кабината е стаклена. Комфорен, топол и модерно уреден стан – пронајдете ја и вашата инспирација!