Со креативниот отворен распоред на просториите, блескавите ведри бои и необичните парчиња мебел, овој атрактивен ентериер има се’ што е потребно да ви го разубави денот. Станот е со површина од 90 метри квадратни и сместен е во Варшава, а најзаслужни за неговиот инвентивен дизајн се архитектите од Studio Widawscy Architektury, одговорни за концептот и целокупното уредување на оваа современа семејна оаза во Полска. Иако бел во својата основа, во внатрешноста на станот нема да најдете ни трага од монотонија и безличност, туку сосема спротивното – впечатливиот декор и комбинацијата на весели бои кокетно се насмевнуваат од секоја просторија. Како една целина сплотени се ходникот, кујната, дневниот престој и работниот простор кои комуницираат меѓусебно, дозволувајќи им на тој начин на станарите да го минуваат времето заедно како семејство, дури и кога се во различна соба. Ваквиот добар распоред на просторот е постигнат со отворен план на дневната зона, кој на семејството му дава слобода за различни активности: разговор, работа, играње, готвење, опуштање или дружење со гостите. Покрај доминатната бела боја на ѕидовите, како нитка која елегантно се провлекува низ ентериерот е акцентната жолта нијанса, почнувајќи од елементите во кујната, внатрешната страна на полиците за книги, па се’ до килимот во дневната соба. Специјално изработените тапети со пругаст дезен дополнително го зачинуваат амбиентот со игривост, свежина и колоритна динамика. Фантастична инспирација!