Становите во поткровје се секогаш предизвик за дизајнерите на ентериер, но во уредувањето на овој прекрасен мадридски стан и немале многу проблеми. Од мрачен и запуштен таван создадале вистински мал рај, полн со шарени бои и фини детали кои потполно го оживеале просторот. Станот е површина од 50 метри квадратни, конципиран на две нивоа и поделен на две зони: една за дневни активности, а другата за ноќни, што е логично бидејќи поткровјето не располага со премногу сончева светлина. Таванскиот простор е темелно реновиран, со фантастична преобразба и комплетно нов дизајн на ентериерот. Најголемо изненадување за архитектите било сознанието дека станот има спуштени тавани, со значителен екстра простор кој е затскриен зад нив. Ваквото откритие било од голема полза во процесот на трансформација, при што погодната висина е практично искористена за постигнување посветол и проширен изглед на поткровјето. Сега, изложените греди се бојадисани во бела боја и создадено е чувство на пространост кое потполно ја менува атмосферата. Новиот дизајн на поткровјето е светол, комфорен, компактен и целосно функционален, и нема кој не би се согласил дека е совршено стилизиран. Во ентериерот умешно се измешани неколку различни стилови кои се надополнуваат, давајќи му разигран и шик амбиент со еклектичен шарм. Белата основа е збогатена со декоративни елементи во весели и интензивни бои, флорални дезени и контрастни детали кои хармонично се искомбинирани во просторот, внесувајќи свежина и пролетна игривост. Нагласените ѕидови од цигла и дрвените столбови, пак, вдахнуваат топла рустична нота во амбиентот. Преубаво решение за поткровје, со максимален ефект, а минимални трошоци. Инспирирајте се!