Лесна и практична идеја за чување на марами, ремени, ланчиња и слично. Нема да ве чини многу и нема да ви одземе многу време, а резултатот е одлична закачалка за модните додатоци секогаш да ви бидат средени.
Потребни ви се:
• перфорирана табла
• 10 завртки
• 20 навртки (мутери)
• четка
• боја
• лак за нокти
Димензијата на таблата е во зависност од тоа колку работи ќе закачите на неа. Завртките бирајте ги да одговараат на дупките од таблата.
Прво, обојте ја таблата еднаш или два пати во боја по ваш избор. Додека бојата се суши, ставете по една навртка на секоја завртка и заштрафете до крај.
Потоа, исправете ја таблата и наредете ги завртките на местата кадешто ќе стојат парчињата. Можете во еден ред, а можете и едно погоре, едно подолу.
Ставете уште една навртка на секоја завртка зад таблата за убаво да зацврсти. На крај, обојте ги завртките со лак за нокти и откако ќе се исушат, имате интересна табла за модни додатоци.