Четвртиот ден од 17. Скопски филмски фестивал донесува пет нови филмски остварувања, чии проекции ќе можете да ги погледнете во градското кино ,,Милениум” и ,,Кинотека на Македонија”.
Филмскиот маратон во ,,Милениум” ќе започне во 16 часот со прикажувањето на ,,Рај : Верба”, вториот дел од трилогијата во режија на Улрих Зајдл. Веднаш по него, следуваат трите преостанати филма од главната програма на фестивалот. Во 18 часот закажaна е проекцијата на ,,Ние сме најдобри!”, последното остварување на шведскиот режисер Л.Мудисон, а два часа подоцна, во 20 часот на програмата е грчката драма ,,Госпоѓица насилство”. Со почеток во 22 часот, денот ќе го заокружи прикажувањето на мексиканската крими драма ,,Хели”, добитник на признание на Канскиот филмски фестивал. Во ,,Кинотеката на Македонија”, пак, во 18 часот на репертоарот е филмот ,,Почудно од рајот” од 1984 година, вториот од неколкуте филма на американскиот режисер Џим Џармуш, чија ретроспектива влезе во програмата на фестивалот.
Рај : Верба / Paradise : Faith (2012)
Во овој мрачен приказ на индустријализацијата на сексот, Зајдл останува во рамки на семејството со цел да ја проучи сестрата на протагонистката од првиот дел. Стапнувајќи на трнлива тематика во неговиот втор, и речиси највознемирувачки филм од неговата трилогија, тој прикажува едно повеќе приземно проучување на ликот каде главната хероина развива привлечност кон Исус со вознемирувачкото и интензивно обожавање. Неможноста да се поврзе со отуѓениот сопруг е во почетокот водено од религиозни причини, но подоцна сфаќаме дека дека оваа врска и свртувањето на Ана Марија кон религијата е поттикната од недефинирано страдање. На гледачите им преостанува да ги одгатнат прашањата на вина и страдање кои толку силно ги дефинираат животите на овие емоционално оштетени луѓе.
Ние сме најдобри! / We are the best! (2013)
Кога последен пат сте излегле од кино а да имате желба да ги прегрнете сите кои глумеле во него? Само малку филмови предизвикуваат вакви емоции кај публиката, како последниот филм на шведскиот режисер Л.Мудисон. Досадата и спортот се најголеми непријатели во животот на три тинејџерки од урбаната средна класа во Шведска во 1982 година. Тоа им дава доволна причина да формираат панк бенд, иако тие ниту знаат да пеат ниту да свират на некој инструмент. Нивната смешно, неуморна решителност и дух, наидува на потсмев и стар, добар сексизам од страна на околината. Ексцентричено, автентично и извонредно восхитувачко евоцирање на спомени од периодот на стокхолкомската панк сцена во 80 тите, која очигледно била составена од само три ентузијасти, немузикални 13 годишни девојчиња.
Госпоѓица насилство / Miss Violence (2013)
На денот на нејзиниот роденден, единаесетгодишната Ангелики се самоубива, додека чудната и неприродна реакција на нејзиното семејство сугерира дека таа имала причина за тој чин. Филмот за тема има нарушени и изобличени семејни односи, но, за среќа, филмот не е толку едноставен како повеќето филмови со слична тематика. Ја тера публиката сама да го создава мозаикот и да размислува за работи за кои никој не би помислил. Филмот има мирна, речиси статична површина, видлива и во продукцијата и преку камерата. Она што е највознемирувачко во него е чувството и сознанието дека неискажаните работи се случуваат зад сцената и позади затворени врати.Го постигнува ефектот на зачуденост од настаните така што на публиката се и е јасно, но тоа речиси воопшто експлицитно не е прикажано.
Хели / Heli (2013)
Ова не е филм за осетливи луѓе. Филмот како позадина ја има војната за дрога во Мексико, во мал град, каде што повеќето луѓе работаат во фабрика за автомобилски делови или во локалниот нарко картел. Хели, живее скромен живот со семејството, се додека неговата сестра и нејзиното момче не украдат неколку килограми кокаин и не сакајќи го ставаат семејството на удар на нарко картелот, притоа разгорувајќи серија на настани кои се крвави, болни и со фатални последици. Приказната е во New Wave мексикански стил: сурово, смело, преполно со криминалци кои убиваат и регрутираат. Филмот е брутален приказ на уништени генерации на деца кои не се во можност да заминат оттаму, соочени со страв и деградација како резултат на корупција и криминал.
Почудно од рајот / Stranger Than Paradise (1984)
„Почудно од рајот“ е филм кој следи двајца несреќни губитници од Њујорк: Вил (Џон Лури) и Еди (Ричард Едсон). Нивната здодевна и без насока егзистенција е нарушена со пристигнувањето на роднината на Вили од Унгарија кој ќе остане кај него на неколку дена пред да се пресели во Кливленд. Во „Почудно од рајот“ критиката го препознава стилот по кој Џармуш ќе биде препознатлив: минимални сетови и долги и непрекинати кадри со многу мало движење на камерата, кои се испрекинати со повремено бледнеење во црно.
Divianarts.com е член на групата на официјалните медиумски покровители на Скопје Филм Фестивал.