Спонтана, брзоплета, весела личност која сака предизвици и поседува огромно срце полно со љубов – Анастасија Баче. Девојка која е огромен вљубеник во добрата фотографија и истата ја бара во секојдневието. Од обичните моменти создава фотографија со цел да го запре времето барем за миг, барем на фотографиите.
„Се вљубив во фотографирањето кога на 16-та годишна возраст ја сфатив моќта на фотографиите. Старите фотографии ми го враќаа детството назад. Воодушевувачки е како со еден поглед на фотографиите се враќаш во тоа време, на тоа место и како да ги чувствуваш истите работи како тогаш. Сфатив дека преку фотографијата можам да меморирам се’, а со малку креативност тоа меморирање може да добие уметничка форма.“
Со се поголемото запознавање и истражување за фотографирањето, Анастасија станува се пољубопитна и своето образование решава да го продолжи во тој правец на отсекот фотографија на ESRA во Скопје.
„Не сум личност што се ограничува на еден вид на фотографија. Јас сум спонтана личност за која секој момент со фотоапаратот во рака е предизвик. Инспирација за фотографирање наоѓам во моето секојдневие, секој момент и секое место за мене претставува можност за добра фотографија.“