Уредувањето на малите станови често задава главоболки, бидејќи едноставно нема место за се’ она што би сакале да го имате во станот. Но, затоа постојат и добри инспиративни примери, во кои секој центиметар е одлично искористен, а притоа и феноменално изгледаат. Во таа група може да се вброи и овој атрактивен еднособен стан, проект на руската архитектка Кривая Лера. Максимизирањето на отворените простори, светлите ѕидови, светлиот мебел, природните материјали и колоритните акценти создаваат чувство на пространост и свежина во животниот простор. Иако е сместен во урбана средина, дизајнот на eнтериерот ги внесува смиреноста и свежината на природата, претворајќи го во место во кое имате чувство дека сте надвор од градот додека сте дома. Белата боја ја сочинува основата на ѕидовите и поголемиот дел од мебелот, во комбинација со ведрите детали во жолта, зелена и сина боја. Дневниот престој има две скриени функции. Првата е можеби очекувана – со развлекување на двоседот, дневната соба се претвора во удобна спална соба. Втората е помалку очигледна, бидејќи големиот орман кој се протега по целиот ѕид вешто го сокрива бирото за работа во дневниот престој. Со ротација од 90° бирото се извлекува од орманот и го дефинира работниот простор во станот. Зад него е лоцирана вратата со излез на балконот, а десно малата трпезарија за двајца, како и кујната во нејзино продолжение. На самиот влез, сместен е вграден плакар кој обезбедува дополнител простор за складирање, а тука и кокетната бања со бело-жолти керамички плочки. Модерно, младешки и разиграно – совршена инспирација!