Уредувањето на малите простори е секогаш предизвик, бидејќи секој центиметар треба функционално да се искористи, а притоа да не се претера и задуши амбиентот. Многу малата површина, но поволната висина, барале внимателно планирање и паметно преуредување на ова минијатурно станбено катче во Задар, Хрватска. Сместено е во стара градба од 18-тиот век, па духот на минатото е она што сопственичката сакала да го задржи во ентериерот. Замислила стан за двајца – потполно сладок и романтичен. Резултатот е феноменално уреден простор, кој освојува на прв поглед со убавината и практичноста спакувани во само 23 метри квадратни. Иако во повеќето просечни станови толкава квадратура завршува само во дневниот престој, тука, со низата паметните решенија е сместен цел стан. Која е тајната? Конципирањето на две нивоа и добрата организација: веднаш на влезот дочекува малиот ходник, со пристап до бањата од левата страна, и дрвени скалила кои водат до галеријата од десната. Под нив, просторот е рационално искористен како орман за складирање. Дневната зона ја сочинуваат кујната, трпезаријата и дневната соба, удобно сместени во отворен план со компактен изглед и флексибилни парчиња мебел. Освен кујнските елементи, целиот мебел е изработен по мерка и плански: полицата под телевизорот, трпезариската маса – шанк која може да се извлекува и поместува, како и плакарот во галеријата, кој поради недоволниот простор за врата е прикриен со светла завеса, што внесува дополнително романтично чувство во спалната. Недостигот од доволно природна светлина е надминат со вештачки извори за осветлување, а во прилог се и убавите суптилни бои кои го облагородуваат со свежина и пријатна нота за престој. Доминираат чисто белата бојата и атрактивната тиркизна нијанса, збогатени со нежен тапет и впечатливи акцентни детали кои му даваат посебен шарм на ентериерот. На второто ниво е поставена спалната соба со брачен кревет, средена во лежерен тон, со комбинација на релаксирани бои и романтични детали кои креираат совршена атмосфера. Чуда навистина постојат!