Големиот христијански празник традиционално се дочекува во семеен амбиент, а покрај религиозното значење, велигденскиот декор го симболизира будењето на пролетта, живописните бои и позитивното расположение во домот. За таа цел, украсете го со цветни аранжмани, зајчиња и убаво декорирани велигденски јајца, и подарете му чудесен празничен изглед со кој ќе ги израдувате вашите најмили. Инспирацијата за декорации побарајте во природата, создавајќи идиличен амбиент кој ќе мами насмевки и повикува на оптимизам во пресрет на празничната прослава. Црвената, жолтата, сината, виолетовата, портокаловата, зелената и розовата се палетата бои со кои можете да го разиграте ентериерот. Свежото цвеќе е задолжителен детал, а лалињата во разни бои се неизбежни за ваква пригода, но можете да поставите и сини и бели зумбули, нарциси или цветни букети од полско цвеќе. Покрај традиционалните мотиви на велигденските јајца и пилиња, се’ попопуларен празничен детал се и слатките велигденски зајчиња, како и стилизираните кошнички кои потсетуваат на мало птичјо гнездо. Велигденската трпеза, пак, украсете ја со природни цветни аранжмани, декоративни свеќи, чинии, чаши и салфетки во светли бои. Прекрасни идеи за оваа прилика понуди Zuhause Wohnen, со преубави предлози за внесување на празничната магија во секое катче од домот. Одберете ја вашата омилена тема!