Прекрасен пример, како со вистинските декоративни идеи може максимално да се искористи скромната квадратура на станбеното катче. Која е тајната? Миксот на јасни тонови и добро избраните парчиња мебел. Иако има само 50 метри квадратни, делува многу попространо од она што е, благодарејќи на одличните декоративни решенија кои му даваат карактер и шарм на просторот. Паметниот распоред, пак, обезбедува комфор и функционалност, каква не може да се сретне и во станови со многу повеќе квадрати на располагање. Станот е темелно реновиран, отстранети се преградните ѕидови во зоната за дневен престој, при што салонот, трпезаријата и кујната се сместени во отворен план со компактен изглед. Сите ѕидови се бојадисани во бела боја, која е секогаш добар избор за визуелно зголемување на просторот, а мебелот и украсите кокетираат со интензивно црвената, зелените нијанси и ведрите дезени. Обезбеден е проток на сончевата светлина од прозорците, која одлично ја нагласува свежината и пријатниот амбиент на ентериерот. Преградните јапонски панели во кујната, пак, овозможуваат таа да се издвои од дневната зона кога е тоа потребно. Спалната соба е со лежерен и релаксиран дизајн, обединувајќи ги пријатните природни тонови, нежно црвената и розовата, во смирено катче за одмор со смирени детали од бамбус. Сладок стан за удобен живот полн со задоволства!