Овојпат ви претставуваме еден прекрасен стан сместен во срцето на Шведска, кој не воодушеви со инспиративниот дизајн полн со пролетни мотиви. Станот е со површина од 75 метри квадратни, одлично испланиран и организиран, со убав распоред и паметно искористување на секое катче. Располага со дневна соба, трпезарија, кујна, две спални соби, бања, а умешно е пронајден простор и за симпатична мини канцеларија. Надвор, пак, во позитивен и свеж амбиент, дочекува колоритното балконче со многу цветови и ведри бои, давајќи му посебен шарм на станот и обезбедувајќи го со секогаш потребната светлина. Шарениот еклектичен ентериер е исполнет со преубави акцентни детали, комбинација на различни текстури и материјали, цветни дезени и јаки и ведри нијанси на бои. За блескавиот и светол изглед заслужни се високите прозорци, но и белата боја како избор за основа на ѕидовите во внатрешноста. Целата кујна е во бел тон, од елементите, ѕидовите, па се’ до плочките, а шанкот и работната површина се изведени од светло дрво, со што е постигнат совршен контраст. Во дневната соба, вниманието го краде впечатливата софа во црвена боја, а во едната спална тоа е кокетниот кревет со цветни мотиви. Бањата е уредена во класичен тон, со темно син мозаик на подот и бели плочки поставени на ѕидовите. Каде и да го фрлите погледот, нова интересна и атрактивна идеја ве освојува. Инспирирајте се!