Со површина од 87 метри квадратни, овој прекрасно среден трособен стан во Стокхолм е одличен пример како може и треба да изгледа едно комфорно семејно гнездо. Ентериерот е практично искористен и комплетно ги задоволува потребите за удобен живот на младо семејство со деца, а притоа изгледа исклучително убаво и привлечно. Дизајнот се заснива на светлината, што e карактеристично за скандинавскиот стил, во комбинација со минималистички, но ефектен декор кој внесува шарм во секоја просторија. Во семејниот дом, кујната игра клучна улога, па огромно внимание е обрнато токму на нејзиниот изглед, удобност и амбиент. Кујната е доволно голема и пространа, суптилно стилизирана со микс на бела боја и нежни тапети, кои блеснати од сончевата светлина која продира од прозорецот, креираат навистина пријатен ефект. Oва е особено важно бидејќи освен за готвење, во неа е вклопена и трпезаријата, која е претворена во мошне пријатно и лежерно катче за јадење на оброците. Со класични столчиња од едната, и клупа за седење од другата страна, разиграна е со меки перничиња и нагласени детали во жолта боја, и на неа веројатно најмногу и се радуваат најмалите членови. Кујната е комплетно функционална, оспособена со модерни елементи и паметни простори за складирање, и украсена со свежи декоративни билки. Салонот, пак ги обединува добриот вкус и потребата од релаксираност во дневниот престој, комбинирирајќи ги неутралните тонови и пругастиот дезен на деликатен начин кој не може да не ви се допадне како идеја. Кокетните детали, топлиот дрвен под и катчето крај прозорецот дополнително го облагородуваат просторот. Спалната соба е во смирен тон, со сензуални акценти во пастелни нијанси, убави текстили и слатки романтични детали. Разбирливо, детската соба е онаа во која има најмногу живи и интензивни бои, но и безброј интересни детали, како ѕидниот декор оживеан со колоритните мурали и стикери, игривите кревети со весели перничиња и прекривки, но и по некоја случајно ,,залутана’’ играчка која се вклопила во шарениот свет и оптимизмот со кои зрачи детското катче. Задоволствата во овој феноменален семеен стан кулминираат на атрактивната тераса, која гарантира уживање под ведро небо во убавите и топли сончеви денови. Уживајте во инспирацијата!